Вардар зер гуд! Македонски лавови и германски мачиња во Манхајм…

Македонскиот првак Вардар ја оствари седмата победа во Лигата на шампионите, славејќи на гости против Рајн Некар во Манхајм со 27-30. „Црвено-црните“ беа доминантни во текот на целиот меч, постојано имаа водство кое во одредени периоди достигнуваше и до седум гола позитива. Тимот на Парондо делуваше компактно во одбраната, на голот беше одличниот Милосављев, а во нападот имаше неколку расположени опции, Карачиќ, Криштопанс, Дибиров, Стоилов.

Вардар имаше предност (4-6) по десет минути игра, а со третиот гол на Стојанче Стоилов во 17.минута дојде и до четири гола позитива (7-11). Следеше и цепелин што го заокружи Криштопанс, а во 20.минута и шест гола предност (7-13). Рајн Некар стегна малку пред одморот и на полувремето се замина со 12-16.

На самиот старт на вториот дел вардарци повторно беа фуриозни, ја зголемија предноста на седум гола, и тоа се покажа како недостижно за германскиот бундеслигаш. Рајн Некар се доближи на ’минус четири’ во последните пет минути, но погодокот на Иван Чупиќ (24-29) и дефинитивно ги олади надежите на избраниците на Јакобсен дека можат да стигнат до позитивен исход.

Дибиров со седум, и Карачиќ и Стоилов со по шест гола беа лидери во тимот на Вардар. Кај домаќинот, расположени беа само Енди Шмит со девет и Колбахер со осум погодоци. Македонскиот интернационалец Филип Талески немаше свој ден во составот на Рајн Некар Левен.

Вардар по 11 одиграни натпреварои се зацврсти на втората позиција во групата А со 15 бода, зад првопласираната Барселона која има само еден пораз.

Се вчитува...