„Вардарки“ се опуштија, па се мачеа да го победат Ларвик

Вардар си обезбеди пласман во главната фаза од Лигата на шампионите откако во четвртото коло го совлада тимот на Ларвик со резултат 30-27. Триумфот е сосема очекуван ако се знае дека „вардарки“ пред десетина дена го декласираа овој ривал среде Норвешка со 19-31, но овојпат избраничките на Дибирова многу потешко стигнаа до бодовите. Откако преопуштено влегоа во мечот „вардарки“ цело прво полувреме се мачеа да влезат во ритам во нападот, за среќа на голот ја имаа Лејно, која им овозможи на крајот да се радуваат на победата.

Проблемите со нападот беа очигледни уште од самиот почеток, но „црвено-црните“ за среќа на својот гол ја имаа извонредната Лејно, која со неколку интервенции ги исфрли гостинските ракометарки од ритам. Вардар поведе со 3-2, но потоа гостинската ракометарка Хјертнер постигна три гола во серија и Ларвик набрзина го презеде водството. Македонскиот шампион одговори со своја мини-серија и водство од 8-6, за потоа неполни седум минути избраничките на Дибирова да бидат без постигнат гол, по што Ларвик дојде до предност од 8-10. Ристовска ја прекина серијата од 0-4 на гостинките, до крајот на полувремето прецизна беше и Цвијиќ, па на одмор се замина со само еден гол предност на Ларвик (10-11).

lejno brani larvik

Кризата во нападот продолжи и на стартот од вториот дел, но за среќа барем голманките беа на ниво, па со одличните интервенции не дозволија Норвежанките посериозно да се одлепат. „Црвено-црните“ по 35. минута конечно заличија на тимот што доминираше во претходните три кола, со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на Ларвик, па по водството од 17-14 го натераа гостинскиот стратег да побара тајмаут. Сепак, тоа не вроди со плод, Вардар конечно го најде посакуваниот ритам во нападот, погаѓаа и Лакабрер, Кузнецова, Пенезиќ, Радичевиќ… па „црвено-црните“ рутински го контролираа резултатот се до половината од второто полувреме.

Скандинавките не с епредадоа, туку дојдоа на само еден гол разлика (24-23) на десет минути до крајот. Се играше „гол  за гол“, потоа Радичевиќ промаши седмерец, но Лејно при резултатот 26-25 одбрани уште еден зицер, не дозволувајќи изрманување. Хмирова постигна гол во клучен момент, за потоа на неполни четири минути до крајот Брајстл да добие црвен картон, по бруталниот старт врз Пенезиќ. Хрватска ракометарка веќе во следниот напад прецизно стрелаше за 28-25, разрешувајќи ги дилемите околу победникот на оваа средба, изразен со конечни 30-27. Точка стави Лејно со две фантастични интервенции во последната акција на гостинките, за четвртата победа во низа и пласман во главната фаза од ЛШ.

Француската голманка го заврши натпреварот со фантастични 20 интервенции, а во нападот најефикасни кај Вардар беа Пенезиќ со седум, Цвијиќ со пет и Кузнецова со четири погодоци.

Се вчитува...