„Вардарки“ се прошетаа во Норвешка: Ларвик само лесна „тренинг партија“!

Ракометарките на Вардар сосема очекувано ја запишаа и третата победа во 3. коло од Групата Ц во Лигата на шампионите, славејќи на гостувањето во Норвешка против најслабиот состав во групата екипа на Ларвик со 19-31 (9-16).

„Вардарки“ само на почетокот од мечот им дозволија на Норвежанките малку да се порадуваат на предност некаде до 15. минута. Имаа домашните водство од 2-5, но со серија 5-0 во 15. минута веќе беше 7-5 за македонските шампионки.

Откако до 22. минута Ларвик одржуваше ритам за 9-9, веќе до крајот на полувремето со серија 7-0 „црвено-црните“ на одмор заминаа со убедливи 16-9.

Во второто полувреме само рутински се одржуваше предноста, за на крајот убедлив триумф од 31-19.

Најдобра своја партија во редовите на Вардар во Лигата на шампионите имаше македонската репрезентативка Сара Ристовски која постигна 6 гола, од исто толку обиди. Исто така и Андреа Пенезиќ заврши со шест постигнати гола, а Андреа Лекиќ, која беше прогласена и за играч на натпреварот, нанижа пет гола од осум обиди. Ина Суслина беше одлична на голот со 17 одбрани.

Кај Ларвик се издвои единствено Емили Кристенсен со четири погодоци.

Свој прв гол во Лигата на шампионите постигна уште една македонска репрезентативка Теодора Керамичиева.

По оваа победа, ЖРК Вардар е со максимални 6 бода во Групата Ц, по претходните победи и над Ференцварош и Турингер. Во следната рунда „вардарки“ во СЦ „Јане Сандански“ ќе играат повторно против Ларвик во Лигата на шампионите.

Се вчитува...