Ракометарките на Вардар денеска (17 ч.) во Норвешка му гостуваат на Ларвик, во третото коло од групната фаза во Логата на шампионите. Со истиот состав со кој минатата недела триумфираа на гости кај Турингер, вардарки ќе му се спротивстават и денеска на подмладениот тим на Ларвик.
По првите двет кола, македонскиот шампион е со максимален учинок и ја има улогата на фаворит и во денешната пресметка со Ларвик. За разлика од Вардар кој има искусен состав и победничка серија на стартот, норвешкиот тим, е во обратна позиција. Европскиот шампион од 2011 година летово остана без 11 ракометарки од кои дел го напуштија клубот, а дел ја завршија кариерата. Тоа донесе комплетна смена на генерации во норвешкиот тим кој сезонава настапува со значително подмладен и неискусен состав. Дека сегашниот Ларвик е далеку од оној тим што пред шест години ја освои титулата во ЛШ, покажуваат и резулатите на стартот од сезоната. Во првите две кола, Норвежанките имаат два порази. На домашен терен загубија од Турингер (27-31), а во гости беа поразени од ФТЦ (33-37) и моментно се последни на табелата во групта и единствени без освоен бод.
Вардар и Ларвик досега имаат одиграно четири меѓусебни средби во рамките на ЛШ. Во две од нив славеа вардарки, еден натпревар заврши нерешено, а еднаш победи Ларвик. Единствениот триумф против македонскиот шампион, Ларик го забележа минатата сезона во вториот натпревар од четвертфиналето кога на домашен терен славеше со 28-26. Но, вардарки имаа залиха од +14 од првиот меч во Скопје (34-20) со кој го обезбедија пласманот на Ф4. Вардар и Ларвик играа меѓусебе во ЛШ во сезоната 2013/2014. Првиот натпревар во Скопје тогаш заврши без победник (27-27), а потоа Вардар триумфира на вториот меч во Норвешка (31-29).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА