Варди ја запре серијата на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед по шест победи по ред на гостински терен од стартот на сезонава во Премиер-лигата попладнево за првпат не си замина со цел плен од едно гостување. Лестер беше тимот што ја запре оваа одлична серија на избраниците на Оле Гунар Солскјер, ремизирајќи 2-2 во одличен натпревар на две екипи кои се во трка со Ливерпул за највисок пласман на премиерлигашката табела.

Маркус Рашфорд ја имаше првата шанса веќе во втората минута од мечот, но биеше непрецизно, а на спротивната страна Варди од добра ситуација не успеа да го совлада Де Хеа. Јунајтед прв поведе преку Рашфорд на асистенција на Бруно Фернандеш, но „лисиците“ експресно се вратија, Барнс постигна прекрасен погодок по една загубена топка на Фернандеш на триесетина метри од сопствениот гол.

Португалецот на Јунајтед остана во главна улога на овој натпревар постигнувајќи го голот за 1-2, со рутинска реализација на асистенција на Кавани, но и тоа беше недоволно за Манчестер да стигне до цел плен, Варди беше херојот на Лестер постигнувајќи го голот за конечни 2-2  на овој извонреден дуел.

 

Се вчитува...