Васоски: Веруваме во себе, Академија Пандев ќе заврши во горниот дел од табелата

Фудбалерите на Академија Пандев во недела на „Петар Милошевски“ ќе му гостуваат на Шкупи во натпревар од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Тренерот на „пандевци“, Александар Васоски вели дека и покрај проблемите со повредени фудбалери, без секого се може и одат на позитивен резултат кај еден од најквалитетните тимови во лигата.

„Шкупи е еден од најдобрите тимови во лигата и се покажа дека до крајот на шампионатот со Шкендија ќе бидат во директна битка за освојување на титулата во ПМФЛ. Добро ги анализиравме и знаеме што можеме да очекуваме од нив. Ќе биде тежок натпревар против одличен тим. Иако имам проблем со повредени фудбалери, тоа не треба да биде изговор. Имам ростер од 23 фудбалери на кои сметам и знам дека добро ќе се претставиме и на овој натпревар“ – вели Васоски за ЕКИПА, притоа дополнувајќи:

„Искрено очекував победа против Работнички, но се случи тоа што се случи, лошиот терен, лошите услови беа клучни за поразот. Сепак, верувам во мојот тим и знам дека ќе ја зацртаме нашата цел во вториот дел од сезоната, а тоа е на крајот не само да обезбедиме опстанок, туку и да се најдеме во горниот дел од табелата“.

Натпреварот меѓу Шкупи и Академија Пандев е закажан за в недела од 14 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Се вчитува...