Вејн Руни седнува на клупата на Евертон?

Вејн Руни би можел да биде назначен за нов менаџер на Евертон, пренесуваат англиските медиуми. Актуелниот менаџер на „карамелите“, Френк Лампард е под сериозен притисок по последниот катастрофален пораз (1-4) на домашен терен од Брајтон.

Тоа беше осми пораз за тимот од „Гудисон“ на последните 11 натпревари, па Евертон моментално се наоѓа во „зоната за испаѓање“, а веќе почнаа шпекулациите за новиот тренер на клубот од Ливерпул.

Вејн Руни, кој моментално е менаџер на американскиот Ди Си Јунајтед, е на врвот на листата на желби на сопственикот на Евертон, Фархад Мошири. Меѓу останатите кандидати, кои на крајот би можеле да го наследат Френк Лампард, се поранешниот менаџер Роберто Мартинез, кој до неодамна ја водеше Белгија и Шон Дајш, кој последен пат го водеше тимот на Барнли.

Евертон не би бил првиот англиски тим кој ќе биде предводен од Вејн Руни. Поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед беше на чело на Дерби Каунти, кои во тоа време беа во сериозна финансиска криза.

Се вчитува...