Не ни дебитирал за Франција, а веќе има златен медал од СП

Голманот на ПСЖ, Алфонс Ареола кој е трет избор на голот на Франција е еден од ретките играчи што освоил титула светски шампион, а се уште го чека своето репрезентативно деби!

Репрезентацијата на Франција победи на Мундијалот во Русија. Со златни медали од Русија се вратија и неколку играчи кои речиси и да не играа за „триколорите“ на ова СП, но и Ареола кој воопшто досега нема ниеден настап за француската репрезентација.

Голманот на ПСЖ заедно со своите репрезентативни колеги ја прослави победата против Хрватска во мундијалското финале и беше исклучително расположен на дочекот на француските фудбалери во Париз, но допрва треба да му се израдува на својот прв репрезентативен настап.

Во историјата на фудбалските мундијали не е необично до медал да стигнат и играчи кои не настапиле на завршниот турнир на СП, но освојувач на златен медал без ниеден настап за својата репрезентација, е малку потешко да се најде.

Алфонс Ареола е прв таков случај по 36 години. Последен пат тоа се случило на СП во 1982 година кога двајца играчи добиле златни медали без ниеден официјален настап за својата земја. Интересно е што еден од нив подоцна стана фудбалска икона во својата земја.

Станува збор за легендата на Милан, Франко Барези. Тој со Милан освои шест титули во Серија А и неколку меѓународни трофеи, но до својата прва репрезентативна титула во 1982 година стигна без ниеден настап за Италија, иако до крајот на кариерата потоа запиша вкупно 81.

Втор фудбалер со светска титула без одигран натпревар за репрезентацијата бепе неговиот соиграч Џовани Гали кој исто како и Ареола во Франција, беше трет голман на Италија пред Мундијалот во 1982 на кој не одигра ниедна минута.

Се вчитува...