Веќе не е шега: Олимпијакос доаѓа на преговори со АБА

Повеќе не е само новинарска шпекулација, Олимпијакос е сериозно заинтересиран за влез во АБА-лигата, за што од утре и официјално ќе стартува преговори со највисокото раководство на регионалното натпреварување. Добро познато е дека војната со Панатинаикос и со Грчката Кошаркарска Федерација е причината поради која „црвено-белите“ не планираат да играат во домашното првенство од следната сезона, а АБА им делува како идеално „второ натпреварување“ крај Евролигата, која останува нивни приоритет.

Генералниот директор Христос Ставропулос и маркетинг-директорот Никос Лепениотис доаѓаат на разговори со челниците на АБА-лигата. Се очекува на утрешната среба да се дискутира околу управувачката структура на регионалното натпреварување и можноста Олимпијакос да стане дел од неа. Доколку биде пронајден заеднички јазик, за очекување е во наредниот месец преговорите да се интензивираат и веќе до крајот на мај да биде официјализирано дека поранешниот европски првак ќе стане дел од АБА.

Неофицијално, раководството на АБА ќе бара потпишување на договор на најмалку три години, за да не послужи како средство во „пазарењето“ меѓу Грчката Федерација и Олимпијакос.

Се вчитува...