Венгер прави „чистка“, десет „топчии“ на заминување

Арсенал од година во година е се подалеку од битката за титулата во Премиер-лигата, но раководството на „топчиите“ се уште му дава тотална слобода во одлучувањето на Арсен Венгер, за креирање на тимот, но и на клупската политика. Ова се покажа како погрешен потег откако минатото лето беа задржани Алексис Санчез и Месут Озил, но и со овие двајца во тимот Арсенал е предалеку од водечките екипи на табелата, а згора на тоа Чилеанецот и Германецот следното лето ќе си заминат без никаква отштета (минатото лето Арсенал можеше да заработи вкупно 100 милиони евра на овие двајца фудбалери).

Без оглед на тоа, „топчиите“ се уште му даваат безрезервна поддршка на Арсен Венгер, кој најавува целосна „чистка“ во тимот до крајот на летото, во која од Лондон би си заминале десет фудбалери.

mesut-ozil-alexis-sanchez

Покрај Озил и Санчез, сигурно е и заминувањето на Вилшир и на Мертесакер, на кои договорот исто така им истекува наредното лето, а воопшто не се стартувани разговори за продолжување на соработката. На трансфер веќе во јануари инсистираат двајцата офанзивци, Оливие Жиру и Тео Волкот, кои сезонава го загубија првотимскиот статус и сакаат што поскоро да си заминат за да се изборат за место во своите репрезентации за СП 2018.

Десниот бек Дебуши, кој беше големо разочарување, конечно ќе си замине од „Емирати“, а огромни се шансите да биде раскинат и договорот со Санти Казорла, кој е пред прерано завршување на својата кариера поради серијата повреди. Во таборот на Арсенал постојат сериозни сомнежи и околу иднината на Арон Рамзи и Дени Велбек, кои наредното лето ќе влезат во последната година од актуелниите договори, а „топчиите“ не сакаат да им се повтори случајот со Санчез и Озил, па доколку наскоро не биде продолжена соработката и тие би станале достапни за трансфер.

Јасно е дека станува збор за целосен ремонт, но прашање е колку Венгер ќе биде во можност да донесе адекватни замени за сите оние кои ќе си заминат, уште повеќе доколку повторно се случи Арсенал да не обезбеди влез во ЛШ втора година по ред.

Се вчитува...