Веспрем го одбрани домашниот терен од ПСЖ, славеа и Алборг и Магдебург

Мега спектаклот на отварањето на новата сезона во Лигата на Шампионите им припадна на ракометарите на Веспрем кои славеа во пресметката против ПСЖ со 36-34. Парижани беа подобриот противник во поголемиот дел од првото полувреме, но Унгарците стигнаа до пресврт, имаа контрола на мечот во вториот дел и стигнаа до важна победа.

Изедначениот ритам на отварањето на средбата го отслика игра „гол за гол“ по кој прв иницијативата ја превземаа гостите од Франција кои благодарение на серијата од 4-0 стигнаа до предност од 10-14. „Светците“ истата ја задржаа речиси до крајот на првото полувреме, но Веспрем одговори во вистинско време. Ја зацврсти одбраната, а направи и своја серија од 4-0 за да го изедначи резултатот на полувремето (17-17).

Добриот моментум на Унгарците продолжи и во текот на второто полувреме во кое откако ПСЖ изедначи на 21-21 следеше нова серија од 5-1 за водство четири гола (26-22). Стекнатата предност Веспрем успеваше да ја задржи благодарение на добрата игра во нападот, одолеа на налетот на гостите во завршницата и сосема заслужено стигна до првите два бода.

Предводник на Веспрем со 11 гола беше Лауге Шмит, додека него го следеше Фати Омар со осум гола. Криштопанс постигна седум гола за ПСЖ, а Сипрзак додаде шест.

Победнички старт на сезоната имаше и Алборг кој го одбрани домашниот терен од Целје триумфирајќи со 36-32, додека Магдебург во завршницата го скрши отпорот на Динамо Букурешт за гостински триумф од 28-30.

Се вчитува...