Веспрем и Манасков повторно го потиснаа Вардар од втората позиција

Унгарскиот Веспрем забележа победа од 28-20 против Мешков Брест во дуелот од 13. коло од групниот сегмент во ракометната Лига на шампионите и повторно ја зазеде втортата позиција на табелата веднаш зад Барселона. Веспрем сега повторно има бод предност пред Вардар кој исто така во ова коло забележа победа, на гостувањето кај Кристијанштад.

Во пресрет на завршното коло од прелиминарната фаза, закажано за следниот викенд, Веспрем има 18, а Вардар 17 бода и двата тима се единствените во конкуренција за втората позиција. Барселона е сигурно прва и ќе го пропушти осминафиналето, додека второпласираниот тим ќе вкрсти со екипа која доаѓа од разигрувањето.

Македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков на денешната пресметка со Мешков Брест постигна еден гол.

Во последното коло, Вардар игра против актуелниот европски шампион, Монпелје, а Веспрем се среќава со Киелце и на македонскиот тим ќе му треба пораз на Унгарците за да заврши на второто место.

Се вчитува...