Веспрем ќе слави јубилеј во Скопје, Вардар треба да го расипе

Вардар и Веспрем одиграа толку многу натпревари во изминатиот период во ЛШ и во СЕХА-лигата, што дефинитивно нема никакви тајни меѓу нив без оглед на фактот што ова ќе биде прв меч на Давид Дејвис на клупата на унгарскиот гигант, и тоа против клубот во кој ги направи првите тренерски чекори како дел од стручниот штаб на Раул Гонзалес.

Двата добро познати ривали повторно ќе ги одмерат силите в сабота со почеток во 17.30 часот во Скопје, во директна пресметка за освојување на второто место во групата. Утрешниот дуел ќе биде од дополнително значење за Веспрем, со оглед на фактот дека тоа ќе биде јубилеен, 300. меч за унгарскиот клуб во елитното европско натпреварување.

Веспрем досега одиграл 147 средби на домашен терен, бележејќи 123 победи, осум реми и 16 порази. На 144 гостувања во ЛШ унгарскиот клуб има скор од 75 победи, седум реми и 62 порази. Покрај овие средби, Веспрем одиграл и осум натпревари во „Ланксес арена“ во Келн, на фајналфор турнирите од Лигата на шампионите, каде има три победи и пет порази.

Јасно е, Унгарците ќе сакаат јубилејот да го надополнат со голема победа во Скопје, на „вардарци“ е да го спречат тоа. А Вардар дефинитивно знае како се победува Веспрем, добивајќи го првиот натпревар сезонава со 25-27. Нека биде ист епилогот и утре вечер во „скопскиот вулкан“ во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...