Веспрем мора да падне – Вардар става печат на второто место

Одличниот старт на 2019 година и победата во Германија над Рајн-Некар Левен уште повеќе ја крена атмосферата во таборот на Вардар пред денешниот дуел со Веспрем (СЦ „Јане Санански“, 17.30 часот). Станува збор за директен дуел за второто место на табелата, пресметка на која победа ќе значи отпишување на Веспрем од оваа трка и обезбедување на полесен противник во осминафиналето од Лигата на шампионите.

„Вардарци“ се свесни дека нема да биде нималку лесно, но од друга страна и „пукаат“ од самодоверба пред пресметката со унгарскиот гигант кого го победија со 25-27 на гостински терен во првиот дел од сезонава. На последните четири меѓусебни натпревари Вардар има три победи и едно реми против Веспрем, серија без пораз што избраниците на Парондо ќе се обидат да ја продолжат и на денешниот натпревар.

„Победата против Рајн Некар ни ја олесни задачата. Тоа нема да не опушти бидејќи не чека уште еден тежок дуел против Веспрем. Подготвени сме за она што претстои и очекувам да одиграме максимално добро за да дојдеме до посакуваниот резултат” – изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Веспрем ја надмина големата криза со која се соочи на стартот од сезонава, унгарскиот гигант во минатото коло ја совлада Барселона, па со зголемена самодоверба пристигнува во Скопје.

„Очекувам извонреден натпревар. За мене лично ќе биде убаво чувство, од Скопје имаме само убави спомени, јас и целото мое семејство. Сепак, сега сум тренер на Веспрем и ќе настојувам да стигнам до позитивен резултат. Знаеме дека ќе биде тешко, навивачите на Вардар прават одлична атмосфера, слична на онаа во Веспрем. Свесни сме, ова е клучен меч за второто место во групата, играчите се мотивирани и подготвени за врвен натпревар“ – изјави Дејвис во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...