Видал и Интер, разликата е осум милиони евра

Интер се држи одлично во трката за скудетото со Јувентус, но на Антонио Конте му е јасно дека ќе мора дополнително да го засили тимот ако сака да го издржи пеколното темпо. Тој не крие дека голема желба му е да го ангажира Артуро Видал, со кого имаше беспрекорна соработка во Јувентус, па челниците на Интер веќе ги почнаа преговорите со Барса за трансферот на чилеанскиот играч за врска.

Првата понуда во висина од 12 милиони евра беше експресно одбиена од каталонскиот гигант, но раководството на Барселона е подготвено да ги продолжи преговорите. На Валверде му е јасно дека конкуренцијата во средниот ред е преголема и ќе дозволи еден фудбалер за врска да си замине, долго време се најавуваше дека тоа ќе биде Ракитиќ, но со последниот развој на настаните се очекува токму Видал да го напушти „Камп ноу“.

Чилеанецот моментно го делат осум милиони евра од преселба во Милано, со оглед на фактот дека Барса бара 20 милиони евра за неговиот трансфер. Сепак, во таборот на Интер владее оптимизам дека ќе биде најден заеднички јазик за управата да ја исполни желбата на Конте и да се направи уште еден чекор напред во трката за скудетото.

Се вчитува...