„Викторија стадионот“ во Гибралтар распродаден, ТВ пренос за Македонија на „Спортклуб 2“

Гибралтарците воопшто не ја кријат својата радост што за првпат во нивната историја фудбалската репрезентација на свој терен ќе игра еден официјален натпревар под капата на УЕФА.

Најголемиот стадион во Гибралтар, „Викторија“ ја помина контролата на УЕФА па доби право да биде домаќин на дуелите од Лигата на нациите. Првиот е веќе утре од 20:45 часот против Македонија.

А, како што информираа од Фудбалскиот сојуз на Гибралтар веќе е распродаден целокупниот капацитет на стадионот кој изнесува 2.500 седишта што е всушност 10% од бројот на жители на земјата. Што значи двете единствени трибини од стадионот ќе бидат полни за утрешната пресметка на двете селекции. Билетите се продаваа по цена од 15 фунти.

Македонските спортски вљубеници, пак, натпреварот ќе може да го следат преку директниот ТВ пренос на вториот канал на регионалната спортска телевизија „Спортклуб“.

„Спортклуб“ ги купи правата за натпреварите на фудбалските репрезентации од Балканот, па за првпат во историјата еден официјален меч на националниот фудбалски тим на Македонија ќе биде директно пренесуван единствено на странска телевизиска куќа. Домашните ТВ куќи не можеа финансиски да парираат на „Спортклуб“ каде во иднина ќе се пренесуваат натпреварите на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...