ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (1): На денешен ден пред 10 години… Три судски рочишта во ист ден кои ја решија судбината на Вардар!?

Вардар првпат во својата историја од следната сезона ќе игра во Втората македонска фудбалска лига. Првпат, само поради онаа фамозна фузија со ФК Миравци која и денеска го прати. А, како дојде ФК Вардар денес, точно на денот кога се случуваа чудни работи пред 10 години, да стравува и за својот опстанок како клуб, низ три изданија преку сведоштвото на доајенот на македонското новинарство и претседател на клубот во моментите кога испадна од Првата лига во сезоната 2010/2011 – Атанас Костовски.

Пишува: Атанас Костовски

Овој 13. јуни 2021 година ќе биде впишан во култната емисија на Македонското радио-Радио Скопје во емисијата “Деновиве пред години“… Овој ден засекогаш ќе остане запаметен во историјата како денот кога македонската фудбалска репрезентација го одигра првиот меч на завршните натпревари на Европските првенства, во Букурешт со репрезентацијата на Австрија. Значаен ден за нашето спортско живеење.

Денешниот ден, 13 ноември, инаку историјата го памети и по бомбардирањето на Лондон во 1944 година од страна на германските “Фау 1“, многумина од нас веројатно се сеќаваат дека на овој ден се испечати последниот број на дневниот весник “Дневник“ (бр. 6386), првиот македонски приватен весник чие што издавање го започнаа ентузијастите Миле Јовановски, Бранко Геровски и Александар Дамовски  на 20 март 1996 година. Паметиме, весникот раководен од ова новинарско трио достигнуваше и рекорден тираж и над 100.000 примероци (2003 година)….

Скопје,13 ноември 2011 година… Осум денови по парламентарните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ освои 56 пратенички мандати, 7 помалку од претходниот состав, а СДСМ иако освои дури 18 мандати повеќе стигна само до бројката 42, ДУИ загуби 3 мандати но со освоените 15 беше доволно за да нема никаква промена на парламентарното мнозинство.  На кусо, во Парламентот ништо не се смени, повторно сите останаа на истите стартни позиции.

На овој ден, пред 10 години, во една од судиските канцаларии на Основниот суд Скопје 2 на бирото на сега покојната судијка (Т.К.) се наоѓаа три решенија за потпис. Како стигнаа тие  до неа никогаш нема да се дознае, зашто и ден денешен сум уверен дека  нејзиното “судиско убедување“ беше спротивно од она што го потпиша! За што всушност станува збор?

ФК Вардар за мене, како и за многумина во Македонија, е прва фудбалска љубов. Со децении, прво како навивач и новинар, па и како портпарол и претседател на клубот. Фудбалската историја на клубот ќе забележи, во таа натпреварувачка 2010/11 ФК Вардар го загуби прволигашкиот статус во време кога претседател на клубот беше Атанас Костовски. Клубот испадна од Прва лига, но,сепак не играше во Втората лига! Како се случи тоа? Пред 13 јуни 2011 година мало потсетување на настаните што се случуваа во и околу ФК Вардар:

-1999 година – По многу кризни години, ФК Вардар на свое редовно собрание решава со клубот да управуваат луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, за претседател беше избран актуелниот пратеник Александар Трпевски, а за потпретседател Борче Ристевски. Во Извршниот одбор се најдоа луѓе, така беше соопштено на фудбалската јавност, бизнисмени од САД и Австралија…

– 2000 година – Договор за финансирање на ФК Вардар од страна на Слободан Вујчиќ-Брацо (С.В.-РСА Хамбург -ФК “Вардар“) односно со фирмите МЏ Риком Интернационал, ЕР Вардар на Борче Ристевски, според Статутот на клубот, колективни членови на Собранието.

– 2002 година – Оставка на Александар Трпевски, за нов претседател е именуван Драган Живковиќ од С.В.-РСА, фирма во која свој удел има финансиерот Слободан Вујчиќ-Брацо. Време кога се враќаат шампионските титули во клубот, а на европоската сцена остана за “долго сеќавање, за незаборав“ елиминацијата на московска ЦСКА (2003). Во клубот се функционираше добро, беа печатени и две годишни ревии.

– 2005 година –  Одржани се неколку неколку тајни собранија на клубот, се менува Статутот на клубот, сменет е успешниот претседател Драган Живковиќ без негово знаење! Сето тоа се случува кога Слободан Вујчиќ-Брацо е на сложена хирушка операција во Хамбург.

– 2006 година – Се поизразени се несогласувања меѓу оној што финансира (Брацо) и оној што управува (Борче). Поради пројавените проблеми околу изградбата на зградата во Градски парк ( Кинески ѕид) од август 2006 година актуелниот претседател Борче Ристевски го ополномоштува Атанас Костовски, портпарол на клубот, да потпишува во негово име во нужната коресподенција на реализација клуб-ФФМ. На Собрание на 25. декември 2006 година Атанас Костовски е избран за претседател на клубот, а Борче Ристевски разрешен од функцијата но и назначен за потпретседател со сите ингеренции како и претседателот, иако тоа не е запишано во Статутот на клубот! Собранието и натаму е во рацете на фирмите на Борче Ристевски.

– 2007 година – На 4. јануари 2007 и официјално во Судот е пријавено Собранието на кое Атанас Костовски е именуван за претседател на ФК Вардар. Клубот заедно со Спорт С.В.( една од фирмите на Брацо) ја формираат фирмата ФК Вардар-С.В. преку која се одвива финансиското работење на клубот. Согласно лиценцниот систем на ФФМ кој е  усогласен со УЕФА и ФИФА, тоа е дозволено кога се блокирани сметките на фудбалските клубови (на ФК Вардар е блокирана од Орка спорт уште од 1998 година).

– 2008 година – По неколкугодишен судски спор поради нелегитимното сменување на Драган Живковиќ од претседателската функција, Општинскиот суд Скопје 2 донесе пресуда П.бр. 5984/о7 од 27 јануари 2оо8 година со која се поништуваат  Собранијата  на ФК Вардар на 24.02 и на 20.04 2005 година со кои се враќа на претседателската функција Драган Жиковиќ и стариот статут на ФК Вардар. За цел да се верифицира таа судска одлука, на 24.02.2008 година е одржано Собрание на ФК Вардар на кое  беа донесени  и други одлуки меѓу кои и потребата од редовни и јавни собранија на ФК Вардар.

Дознавајки за донесената судска пресуда и одржаното Собрание, старото раководство на клубот веќе следниот ден (25) во Централниот регистар на Р. Македонија го впишува Васко Марковски за претседател на клубот а на 14. март 2008 е одржано тајно собрание на кое Јордан Камчев е е впишан за нов претседател на клубот! Но, се чини, еден службеник  во Централниот регистар на РМ работи само за потребите  на ФК Вардар. На 1 април 2008 одржано е ново собрание, сменет е Статутот на клубот, сега навивачите добиваат мнозинство во  Собранието, за в.д. претседател е избран Ванчо Шехтански. Распишан е конкурс за претседател, односно финансиер на ФК Вардар. Пријавена е само една фирма од Малта, во следните 4 години ветува вложувања во ФК Вардар  6,3 милиони евра!

За секој случај сум забележил и: На 14. март 2008 година клубот е на 3. место на табелата, има  склучено професионални договори со 25 фудбалери, се стипендираат и 10 надежни фудбалери. Клубот располага со соблекувална и тренерска канцаларија и економат под Јужната трибина на Градскиот стадион, под Северната(источна) трибина  користи две соблакувални, тренерска соба и економат, за тренинг има на располагање два помошни терени од кои еден под рефлектори! Клубот е без долгови кон фудбалерите, тренерите и работната заедница, подмирени се сите казни за жолти и црвени картони. Финансиерот Слободан Вујчиќ-Брацо редовно ги сервисираше своите парични обврски, го исплати и договореното обештетување на Борче Ристевски за да го добие, покрај финансирањето и управувањето со клубот!

На 7. јуни 2008  формиран е нов состав на Собранието, 15 членови има Трифун Костовски а по 7 членови имаат Јордан Камчев и навивачите. За претседател е избран Трифун Костовски, извршена е нова промена на статутот,  ги нема веќе ветераните, работната заедница, во новото собрание  “исчезнаа“ Борче Ристевски и Слободан Вујчиќ-Брацо! Што се случи со нив? Одговорот го знаат само Борче Ристевски и Јордан Камчев!

Се разбира правниот застапник на Слободан Вујчиќ-Брацо, адвокатот Емил Османов, изарчи килограми хартија пишувајки тужби во името на  нелегитимно сменетите претседатели Драган Живковиќ и Атанас Костовски. По секоја поднесена тужба во Македонски спорт (Орце Камчев) се редеа клевети и невистина, па “дементот“ го барав по судски пат. Ми се лутеа пријатели што ја прифатив најблагата варијанта, можете да прочитате, подобро тоа отколу предметите да застареат.

И големиот пријател на спортот, потврдениот финансиер во македонскиот спорт, воопшто во нашето севкупно живеење, Трифун Костовски не издржа долго. Во Централниот регистар нови претседателски имиња  Милован Мајсторовиќ, Бојан Захариев, Драги Сетинов. Со нив ФК Вардар наместо да бори за шампионската титула, се поблиску е Втората лига!

УТРЕ ПРОДОЛЖУВА: КОИ СЕ ТРИТЕ СУДСКИ РОЧИШТА И ТРИТЕ ОДЛУКИ ВО САМО ЕДЕН ДЕН СО КОИ БЕШЕ „КИДНАПИРАН“ ФК ВАРДАР!?

Се вчитува...