Влахо: Ја надигравме Шкендија, заслуживме и победа

Работнички одигра натпревар без голови против Шкендија во 21. коло од ПМФЛ, успевајќи да се издвои како прва екипа пролетва која „украла“ барем бод од лидерот.

Шефот на стручниот штаб на „романтичарите“, Александар Влахо е задоволен од прикажаното и вели дека овој млад и агресивен Работнички може уште многу да напредува.

„Задоволен сум од тоа што го прикажа на Работнички на дуелот со Шкендија. Мислам дека комплетно го надигравме лидерот кој располага со најквалитетен состав во лигата, поседува неколку одлични индивидуалци, а ние ги неутрализиравме со тимска игра, младост, полетност и агресивност. Наметнавме наш ритам и можеме да жалиме што не успеавме да реализираме барем еднаш од шансите што ги создадовме пред противничкиот гол. Дефинитивно заслуживме барем два бода повеќе од двата последни натпревари против Силекс и против Шкендија. Сепак, играта и залагањето на фудбалерите може само да радува и очекувам да продолжиме во ист стил и на неделниот дуел против Шкупи“ – вели Александар Влахо за официјалната интернет страница на клубот.

Во следното коло веќе в недела, Работнички ќе гостува на Шкупи. Натпреварот ќе се игра на стадионот на комплексот „Куќа на фудбалот“ во Скопје.

Се вчитува...