Влахо: Ќе мора да ги анулираме и техничките грешки кои се појавуваат во играта

Шефот на стручниот штаб на Работнички, Александар Влахо е задоволен од напредокот во играта на тимот во ремито (1-1) со Силекс, но потенцира и дека во текот на мечот се случија неколку тактички грешки по кои противникот добил можност да постигне погодок.

„Можам да бидам задоволен од напредокот во играта на тимот. Имавме одлични моменти, офанзивен пристап, агресивност во играта, напаѓавме и создадовме шанси, постигнавме погодокот по акцијата на Максимов и Прелчец. Но, имаше и тактички грешки, во одредени моменти дозволивме лесно да испаднеме од игра и противникот преку контранапади го загрози нашиот гол. Ќе мора да поработиме на тој план и да усовршиме некои детали за да бидеме уште пофункционални и поквалитетни во иднина. Што се однесува до резултатот, имавме водство до пред крајот, но не успеавме да го сочуваме. Ако се анализира целиот меч, ремито е веројатно и најреален епилог“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

Работнички веќе во среда, во 21.коло на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го пречека лидерот Шкендија. Главен судија на натпреварот ќе биде Александар Ставрев, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Бранко Путилин. Делегат на натпреварот е Гоце Шопоски (Струга), а контролор на судењето ќе биде Делчо Јакимовски (Скопје).

Се вчитува...