Влахо: Кога нема да се искористат толку шанси, јасно е дека нема шанса за три бода…

За стратегот на Работнички, Александар Влахо престои период на добра анализа за последните два натпревари од шампионатот во кои „романтичарите“ освоија само еден бод. На последниот дуел против Беласица во Струмица тимот потфрли во реализацијата на шансите, а одбраната дозволи поради едно невнимание да прими погодок.

„Кога нема да се искористат толку многу шанси, јасно е дека не може да се освојат три бода. Реализацијата беше на многу лошо ниво и на крајот можеме да бидеме среќни што погодивме во самата завршница за да дојдеме до реми. Ќе мора да работиме напорно во овие две седмици, главен проблем на последниот меч секако беше слабата реализација. Во тој сегмент потфрливме максимално иако бевме доминантни во поле, посебно во второто полувреме и создадовме дузина шанси пред голот на Беласица. Но, ефикасноста беше многу лоша. Ја погодивме и рамката од противничкиот гол, недостигаше и малку среќа за да биде се поинаку. Но, среќата се заслужува. На почетокот на мечот дозволивме да примиме гол поради едно наше невнимание во одбраната и му дозволивме на противникот да се чувствува многу покомфорно во водство. Не можам да најдам замерка за желбата, залагањето, но недостигаше концентрација и завршен удар за погодок“ – вели Влахо.

Празниот натпреварувачки викенд Работнички ќе го пополни со пријателски натпревар против прволигашот Ренова. Мечот е закажан за в сабота, со почеток од 15 часот, на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Се вчитува...