Влахо: Не ги искористивме нашите шанси и бевме казнети

Работнички на стартот од третиот круг во првенството го доживеа првиот пролетен пораз. Загуби на националната арена „Тодор Проески“ со 0-2, но и покрај тоа остана на петтата позиција на табелата со 32 бода.

Шефот на стручниот штаб Александар Влахо вели дека клучен момент на мечот најверојатно е неискористениот пенал на Никола Прелчец, а причина за поразот се неискористените шанси на Работнички.

„Од секој пораз треба да се извлече поука. Ако не ги искористите шансите, противникот сигурно ќе ве казни. Работнички создаде неколку шанси, но немавме реализација. Академија Пандев е квалитетен тим и знаеше тоа да го казни. Честитки за нивната победа. Мислам дека клучен момент беше нереализираниот пенал на истекот од првото полувреме. Тоа на гостите им влеа дополнителна самодоверба. Но, го оставаме поразот зад себе и веќе размислуваме за следниот меч, гостувањето во Струмица и дуелот против Беласица“, вели Александар Влахо.

Се вчитува...