Влахо: За Работнички утре против Струга ТЛ почнува битката за третото место

По триумф над Пелистер (3-1) во 26. коло од Првата фудбалска лига Работнички веќе сериозно се впушти во битката за третото место кое носи излез на европска сцена.

Тимот на Александар Влахо во моментот е на петтата позиција, а во наредните два меча ќе се сретне со четвртопласираниот тим на Струга Трим Лум и третопласираната Македонија ЃП. Натпревари кои во голема мера ќе одлучуваат околу европското место…

„Задоволен сум од изданието против Пелистер и победата. Конечно прикажавме квалитетна игра и на домашен терен оваа сезона. Сите честитки одат за главните актери, фудбалерите. Морам да го истакнам Марио Станковски, кој го одигра најдобриот натпревар во последно време, постигна гол, создаде неколку стопроцентни шанси и максимални ја искористи дадената шанса. Исто така и голманот Ристе Јанков кој двапати одбрани пенал. Секако, и сите останати затоа што фудбалот е тимска игра. На крајот и мала забелешка за малото опуштање во финишот кога по водството од 3-0 дозволивме Пелистер да даде гол. Но, тој меч е веќе зад нас, а ние сме фокусирани на претстојното гостување во Струга“ – вели Александар Влахо.

Веќе утре „романтичарите“ гостуваат на Струга Трим Лум во 27. коло од ПМФЛ.

„Ќе недостасуваат неколку фудбалери, капитенот Горан Силјановски и Лука Станковски поради пет жолти картони, како и повредените Стојкоски, Лазаров, Пецов, Петковски…Но, тимски ќе се бориме за да оствариме позитивен резултат во Струга. Тоа нема да биде воопшто лесно, затоа што Струга Трим Лум е одличен тим и посебно добро игра на својот стадион. Но, јасно е дека следува разврската за третото место и ќе се обидеме да бидеме најдобри што знаеме и умееме“ – порачува Александар Влахо.

Се вчитува...