Во Јувентус бесни: Дибала ставен на трансфер-листа

Пауло Дибала на крајот од сезонава ќе си замине од Јувентус откако ги налутил челниците на „старата дама“ одбивајќи ја и последната понуда за продолжување на соработката. Аргентинецот ја пропушти речиси цела сезона поради неколку повреди, но тој не отстапува од превисоките барања од 15 милиони евра годишна плата, плус бонуси.

Актуелниот договор на Дибала истекува во јуни 2022 година, па Јуве е принуден да го продаде аргентинскиот напаѓач и да заработи барем нешто на неговиот трансфер, наместо да му дозволи тој да си замине без никаква отштета на крајот од наредната сезона. Директорите Недвед и Паратичи се бесни од односот на овој фудбалер, од кого во последните години се очекуваше да се наметне како лидер, но никогаш не ги оправда тие очекувања.

Цената на Дибала ќе изнесува 50 милиони евра, по што се очекува во трката за Аргентинецот да се вклучат бројни клубови. Челси и Тотенхем најавуваат дека летово ќе купат нови голгетери, но не се исклучува и можноста за преговори со Реал Мадрид, особено со оглед на фактот дека Јуве ги мерка Иско и Марсело, кои се пред заминување од таборот на „кралевите“.

Се вчитува...