Во Охрид стартуваше Интернационалната едриличарска регата „Охрид 2022“ (ФОТО)

Денеска во Охрид стартуваше Меѓународната едриличарска регата „Охрид 2022“ која втора година по ред викендов се одржува во организација на Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, а под покровителство на Едриличарската федерација на Република Македонија и Општина Охрид.

На регатата која се одржува во класите Оптимист, ИЛКА – Ласер и 470, учествуваат околу 50 едриличари од шест клубови од Србија, Бугарија и домаќинот Македонија. Учествуваат натпреварувачи од JK „Палич“ од Палич, JK „Панонија 1975“ од Бела Црква и ЈК „Смедерево“ од Смедерево, сите Србија, ЦСЈЦ „Централ Софија Јахт Клуб“ од Софија, Бугарија, како и домашните клубови ЕК „Снегар“ од Струга и домаќинот „Акватика Јахтинг“ од Охрид.

Претседателот на Едриличарската федерација, Будимир Соколовиќ изрази голема благодарност до сите поддржувачи на едриличарската регата потенцирајќи дека нема дилема дека оваа манифестација станува препознатлив бренд на Охридското Езеро.

„Едрењето е спорт кој ја развива независноста и автономијата, ве учи да зависите сами од себе, да ги развиете сите ваши сили и доблести и кога ќе биде тешко време да се соочите со најјаките ветрови и бранови. Сами сте и соочени со сето тоа. Така се развиваат сите потребни доблести за раст и развој во јака личност. Со едрењето покажувате дека ја сакате природата, дека го почитувате езерото и дека сте спремни да се соочувате со опасностите. Уште старите Римјани рекле „Во здраво тело, здрав дух“. Чест ми е што сум опружен со толку млади едриличари и се надевам дека еден ден некој од вас ќе го видиме и на Олимписките игри“ – истакна Соколовиќ на отворањето на регатата кај плажата „Горица 1 – К’ј Дивоно“, а со регатно поле во Охридскиот залив.

Се вчитува...