Во Тетекс жестоко препукување меѓу новото и старото раководство: Заканите ви се на погрешна адреса!

За жал на големиот број фанови на Тетекс, промената во раководните структури и подготовките за новата сезона не минуваат на најдобар можен начин, ако се суди според препукувањето меѓу новото и старото раководство.

Дел од поранешните фудбалери на тимот си бараат исплата на финансиските долгови, за што од новото раководство ги упатуваат на старото. Притоа од новото раководство истакнуваат дека заканите кон нив ќе бидат пријавени во МВР.

Како што е познато, од овој месец Мирче Блажески е нов претседател на ФК Тетекс, а потпретседатели се Стојмир Урошевиќ и Борче Мирчевски. Бојан Захариев, пак, ќе ја извршува функцијата тим менаџер и шеф на стручниот штаб.

СООПШТЕНИЕТО ОД РАКОВОДСТВОТО НА ФК ТЕТЕКС ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Упатуваме апел до сите фудбалери кои следната сезона нема да бидат дел од ФК Тетекс, за се што се договарале со старото раководство, да се обратат кај нив, односно кај раководството што ги распродаваше клупските интереси и кои го оставија клубот со исклучена струја и долгови од околу 2 милиони денари.

Истовремено упатуваме апел до старото раководство и до луѓето блиски до нив дека заканите кон членовите на УО и Претседателот на ФК Тетекс и за нивните приватни бизниси ќе бидат пријавени кај надлежните институции. Заканите на поранешниот шеф на стручен штаб дека “сите негови судии следната сезона ќе судат на штета на ФК Тетекс”, ќе бидат проследени до ФФМ за да се утврди кој навистина “ги поседува овие судии” и на кого точно тоа се однесува.

За сите закани и искажани невистини од страна на старото раководство, луѓето блиски на нив и екс-шефот на стручниот штаб ќе биде известена МВР. Можеме само да им порачаме да си го сервисираат долгот кој го оставија на клубот.

П.С. Оставете не да работиме на раат за доброто на клубот.

Се вчитува...