Војна со репрезентациите: Цела Премиер-лига не ги пушта фудбалерите за квалификациите

Сите клубови од Премиер-лигата денеска донесоа едногласна одлука да не ги пуштат на репрезентативен настап фудбалерите кои треба да играат квалификациски средби за своите репрезентации во држави кои се наоѓаат на „црвената листа“ на Велика Британија.

Согласно државните мерки, сите лица кои минале извесен период во овие земји веднаш по враќањето во Англија ќе мора да минат десет дена во самоизолација. Премиерлигашките клубови бараа фудбалерите да бидат исклучок, но откако добија негативен одговор од властите се решија да им забранат на своите играчи да отпатуваат за репрезентативен настап. Според неофицијалните информации, станува збор за околу 60 фудбалери од 19 различни клубови.

„Имавме долги разговори со претставници на Владата, се обидовме да најдеме заеднички јазик, но не ни беше дозволено да бидеме исклучок од правилото. Премиер-лигата секогаш ги поддржувала фудбалерите во нивните желби да играат за своите репрезентации, разбираме дека тоа е работа на национална гордост, но во новонастанатата ситуација нема никаква логика играчите да бидат пуштени да одат во странски земји, па потоа во Англија да мора да минат десетина дена во карантин“, објавија од раководството на Премиер-лигата.

Се вчитува...