Сопствениците на премиерлигашките клубови паднаа во немилост на англиската јавност откако нивното однесување во време на големата криза поради коронависусот беше оценето како „насилничко“ и кон играчите и кон другите вработени. Газдите на клубовите ја загубија битката со вработените и фудбалерите во очите на сите со оглед дека не покажуваат сенс за критичноста на моментот. Ги испратија вработените дома, а во преговорите со играчите инсистираат на намалување на платите од 30 проценти.
Најголеми реакции предузвикува одлуката на вработените кои не се од играчкиот кадар, сопственцитие да им исплаќаат само 20 проценти од платата додека останатите 80 проценти да бидат од фондовите за помош кои ги овозможува британската влада. Реакциите дојдоа и од навивачите и од фудбалерите. Клубовите кои со децении имаат огромни заработки според нив не би требало да ги користат овие бенефиции кои доаѓаа всушност од даноците кои ги плаќаат граѓаните.
Ова особено стана тема откако актуелниот лидер на табелата и актуелен европски шампион, Ливерпул реши да ги прати вработените дома. Во меѓувреме пропаднаа и преговорите на сопствениците со Асоцијацијата на играчи за намалување на платите. Фудбалерите испратија порака дека намалувањето на нивните плати не може да биде во корист на сопствениците туку треба да биде насочено кон здравствениот систем.
Последните информации од Англија се дека капитените на сите 20 премиерлигашки клубови се обединети во битка против намалувањето на платите. Англиските медиуми информираат за заедничка група на една од социјалните мрежи преку која оди комуникацијата за спротивставување на одлуките на сопствениците. Паралелно, играчите формираат сопствен фонд за помош на здравствените работници и за борбата против коронавирусот.
Навивачите пак порачуваат оти сопствениците на клубовите не се ѕвездите на англискиот фудбал и оти стадионите се полнат поради вештините на играчите и сопствениците и менаџментот треба да имаат одговорност во ситуација на криза и да жртвуваат дел од приходите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА