Вознијацки „удри“ по Шарапова

Поранешната најдобра тенисерка во светот, Каролина Вознијацки ги обвини организаторите на УС Опен дека ја фаворизираат  Марија Шарапова. Данската тенисерка која во второто коло беше поразена од Русинката Екатерина Макарова во три сета (2-6,7-6,1-6), имаше дополнителна причина да се лути затоа што како петта носителка на турнирот мораше да игра на еден од помалите терени, додека Шарапова која не е меѓу носителките на американскиот гранслем двата меча ги играше на стадионот „Артур Еш“.

„Да се направи таков распоред во кој петтиот носител игра на теренот број пет и тоа во петтиот меч во денот, е неприфатливо. Ја разбирам деловната страна на овој спорт, но да се стави некој што се враќа на терен после паузата поради допинг да игра на Централниот терен, тоа не е в ред. Тоа не дава добар пример, некој кој исто така се враќа на терен после повреда и е петти носител заслужува да игра на поважен терен од теренот број пет“– порача Вознијацки која е двојна финалистка на УС Опен.

Шарапова во вториот меч, во три сета (6-7, 6-4, 6-1) ја победи Унгарката Тимеа Бабош и во следната рунда ќе игра против Американката Софија Кенин.

Се вчитува...