Врањеш повторно ќе му биде ривал на Вардар во ЛШ

Љубомир Врањеш е подготвен за нов тренерски ангажман во Лигата на шампионите, а еден од првите ривали на трофејниот стратег повторно ќе му биде македонскиот првак Вардар. Шведскиот шампион Кристијанштад веќе извесно време води преговори со Врањеш и се очекува договорот да биде потпишан најдоцна до крајот на месецов, за екс-тренерот на Фленсбург и на Веспрем да се врати во татковината и да се обиде да го одведе Кристијанштад во нокаут-фазата од ЛШ.

Ола Линдгрен, кој во моментов седи на клупата на овој клуб, веќе разговарал со управата на клубот околу условите за предвремен раскин на договорот.

„Не ме прашувајте, тоа е прашање за челниците. На крајот, тоа ќе биде нивна одлука што сите ќе мораме да ја почитуваме“ – изјави Линдгрен за шведските медиуми.

Кристијанштад моментно се наоѓа на делба на шестото место на табелата со тимот на Брест Мешков, со кој ќе се бори за место во осминафиналето од елитното европско натпреварување. Шведскиот првак на 24 февруари на домашен терен ќе го пречека Вардар во претпоследното коло од групата, многу значаен натпревар за пласманот на двата тима.

Се вчитува...