Врати се, Валверде: Потоп на Барса на „Месталја“

Барселона дефинитивно е во криза, можеби со многу среќа успеа да избегне срамна елиминација од Ибица, но каталонскиот гигант ја покажа сета своја немоќ на денешното гостување против Валенсија, губејќи со 2-0.

Каталонците немаа пораз на „Месталја“ во Ла Лига дури 12 сезони, но избраниците на Сетиен целосно потфрлија на денешниот натпревар. Валенсија доминираше од самиот почеток, доби идеална шанса го отвори резултатот уште во раната фаза на мечот, но Тер Штеген го одбрани пеналот на Макси Гомез. Германскиот голман продолжи со добри интервенции во првиот дел, но потоа беше немоќен на самиот почеток од второто полувреме, кога една одбиена топка од Алба го изненади и заврши во неговата мрежа.

Барса одигра добро само петнаесетина минути по примениот гол, но Меси од неколку убави ситуации не успеа да го матира голманот на домаќините. Казната стигна на спротивната страна кога Макси Гомез со прецизен удар од работ на шеснаесетникот зголеми на 2-0.

Триумфот можеше да биде и уште поубедлив доколку судијата го признаеше голот со волеј на Габриел, но главниот арбитар донесе компромисна одлука, па не се реши ниту за гол, ниту за прекршок во напад, туку по прегледување со ВАР одлучи корнерот повторно да биде изведен.

По овој пораз на Барса, сега Реал Мадрид има шанса со триумф на утрешното гостување против Валјадолид да се одлепи на три бода предност во однос на големиот ривал во трката за титулата.

Се вчитува...