Време е за УС Опен, пола елита „во аут“

Се е подготвено за стартот на УС Опен, последниот тениски гранслем турнир што во следните две седмици ќе се одржи во Њујорк. Општиот впечато е дека овој турнир никогаш не бил послаб, пред се поради бројните откажувања на тенисерите од самата тениска елита, кои поради повреда нема да можат да се најдат на теренот.

Бранителот на трофејот, Стен Вавринка, нема да настапи годинава, исто како и екс-шампионите Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, но и Нишикори, Раониќ… Јасно е дека конкуренцијата е намалена, а меѓу оние кои ќе бидат дел од гранслемот во главна улога се очекува да бидат Рафаел Надал и Роџер Федерер. Шпанецот по пауза од три години се врати на врвот на АТП-листата и ќе ја има улогата на прв носител, но Федерер лесно би можел да го мине доколку стигне до трофејот, или доколку Швајцарецот биде поразен во финалето, но Надал биде елиминиран во претходните фази од турнирот.

Марин Чилиќ дефинитивно ќе ја чека својата шанса од позадина, а тениската јавност очекува и „експлозија“ од Саша Зверев, младиот Германецот кој лесно го совлада Федерер во финалето во Монтреал и покажа дека може да ги победува најдобрите светски тенисери.

Многу поинтересно и понеизвесно се очекува да биде на женскиот дел од турнирот, на кој веќе на самиот старт ќе проследиме супер-дуел меѓу втората носителка Симона Халеп и Русинката Марија Шарапова, која со вајлд-карта учествува на УС Опен. Ланската шампионка Анџелик Кербер овојпат не е меѓу фаворитките за трофејот. Каролина Плишкова ќе биде прва носителка, а атак на трофејот најавува и Мугуруза, која игра одлично во последните неколку месеци.

Се вчитува...