Еден од најдобрите напаѓачи во последните 20 години Единсон Кавани се одлучи да стави крај на богатата кариера и да ги закачи копачките за клин.
Тој во емотивна порака му се заблагодари на фудбалот кој му даде многу во животот.
„Ти благодарам многу фудбалу. Ме обликуваше, ме предизвика, ме научи повторно да станувам кога ќе паднев и да го ценам секој чекор од патувањето. Ми дозволи да ги остварам соништата што, како дете, ми изгледаа невозможни и да запознаам неверојатни луѓе и на теренот и надвор од него. Ништо од ова не би било можно без моето семејство, моите пријатели, моите соиграчи, тренерите и пред сè, луѓето. Љубовта од навивачите во секоја земја и во секој клуб е нешто што ќе го носам со себе засекогаш. Заминувам во мир, со смиреност од сознанието дека дадов сè на секој тренинг и секој натпревар. Со грешки, со успеси, но секогаш со почит кон оваа професија што ми даде толку многу“, напиша Кавани.
Уругваецот кариерата ја почна во Данубио, а Европа го дозна со настапите во Палермо, а со игрите во Наполи успеа да стигне до трансфер во Пари Сен Жермен. Во кариерата настапуваше и за Манчестер јунајтед и Валенсија, а последен клуб од кој беше дел е Бока Јуниорс. За репрезентацијата на Уругвај одигра 136 натпревари на кои постигна 58 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

