Време е за ждреб – Вечерва ќе бидат познати групите за СП во Катар

Вечерва во Доха ќе бидат извлечени групите за Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Катар. Вторпат во Азија, а прв шампионат кој ќе се игра на крајот на годината, наместо во летните месеци.

Франција е актуелен освојувач, а меѓу фаворитите за кревање на „Златната божица“ ќе бидат и репрезентациите на Англија, Бразил, Белгија, а тука се и Португалија и Аргентина во чии репрезентации Кристијано Роналдо и Лионел Меси ќе имаат последен обид да стигнат до единствениот трофеј кој им недостига во богатата кариера.

29 од вкупно 32 селекции се веќе сигурни патници во Катар, а преостантите три места ќе ги дадат баражите во јуни месец. Во европскиот Велс го чека подобриот од мечот меѓу Шкотска и Украина, додека последните две места ќе бидат добиени од интерконтиненталните дуели. Костарика ќе се сретне со најдобриот тим од Океанија, Нов Зеланд, додека Перу го чека подобриот од азискиот дуел меѓу Австралија и Обединети Арапски Емирати.

Ждрепката за Светското првенство во Катар е закажана за денеска со почеток во 18 часот.

Се вчитува...