ВТОРА ЛИГА – ИСТОК: Тиквеш убедлив, Брегалница во 95. минута до триумф во Прилеп

Продолжува израмнетата трка на Тиквеш и Брегалница за лидерската позиција во Втората лига – Исток и влез во прволигашкото друштво. Во 8. коло од шампионатот и кавадарчани и штипјани запишаа победа, на гостувањата против Росоман односно Победа во Прилеп.

Тиквеш славеше убедлив триумф од 0-4 против Росоман со головите на Мојсов, Грозданоски, Лазаров и Вареловски.

Брегалница, пак, триумфираше со 1-2 на гостувањето против Победа. „Сините“ цели 70 минути беа со играч помалку поради два последователни жолти картони на Анес Османовски уште во 22. минута. Сето тоа значително ги отежна напорите на Брегалница, која сепак беше далеку подобра и на крајот сосема заслужено стигна до трите бода благодарение на голот на Антонио Митрев во петтата минута од судиското продолжение.

Откако во првото полувреме не беа искористени неколку шанси, во 61. минута од средбата беше крунисана подобрата игра од домашните на теренот, па следеше водство од 0-1 благодарение на голот на дефанзивецот Дарко Стојанов.

Домашните успеаја да израмнат со голот на Филип Димоски во 75. минута, но тоталната доминација на теренот на составот на Илиевски вроди со плод во судиското продолжение кога Митрев постигна погодок за конечна победа од 1-2.

Кит Го и Слога Виница ремизираа (1-1) на дуелот во Пехчево. Домашните поведоа со голот на Оливер Христов во 71. минута, но Бујчевски израмни за гостите во 76. минута.

Без победник завршија и натпреварите во Радовиш и во Македонска каменица.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (8. коло)
Кит Го – Слога Виница 1-1
Победа – Брегалница 1-2
Росоман – Тиквеш 0-4
Каменица Саса – Осогово 0-0
Плачковица – Кожуф 1-1

Се вчитува...