Второ издание на „Чупино треил” – Возбуда, предизвик и уживање

Виница годинава по вторпат ќе биде домаќин на спортскиот настан Чупино Треил, кој опфаќа три трки Чупино Треил од 40км (2000м +Д), Бумбарска Треил од 16км (550 Д+) и Алми Детска трка.

Чупино треил 40км – Стартот на трката е од Градскиот парк во Виница на 370 м.н.в. Патеката минува низ с.Липец (7км) и с.Блатец (10км) од стартот со 350 м. искачување. Од с. Блатец започнува и најпредизвикувачка патека за искачување до врвот Чупино  каде 6.5 км. се со 1000 м. висинска разлика. Како мотивација за искачување до врвот, по пат добивате прекрасни погледи на Осогово (север), Кадиица(исток), Пирин (позади Кадиица), Рила(исток), Беласица(Југ), Кожув (Југ), Јабланица (запад), Шар Планина (запад), и ако имате среќа на убав чист сончев ден ќе го ѕирнете и Митикас, Грција(Југ).  Од Чупино, патеката се спушта југо-западно преку Виничка Бачија и Девет Буки Браќа (ова е најубавата делница од патеката) до врвот Лисец највисоката точка на трката од каде следи  долг спуст преку Шипоко и археолошкиот локалитет Виничко Кале се до целта  во градскиот парк. За освежување ќе има 5 пунктови  (вода, сок, електролити, храна, овошје).

Бумбарска треил 16км  – трка  предизвик за почетници во планинско трчање. Стартот  е заедно со Чупино треил  од градскиот парк во Виница по што следи искачување до расклонот  пред  с.Липец. Тука Бумбарска треил се разделува од Чупино треил и продолжува  на десно, кон Плачковица  и познатата чешма Бумбарска. Се преминува Виничка река и се симнува во с.Градец. Следува последното искачување до Шипоко каде Бумбарска Треил се сретнува со последните киломтери од Чупино треил проследено со прекрасното спуштање  до Виничкото Кале и до градскиот парк во Виница  каде што ќе биде и  целта на трката. За освежување ќе има 2 пункта (вода, сок, електролити, храна, овошје)

Повеќе од 150 учесници ќе се најдат на стартот на трката кој ќе биде од Градскиот парк во Виница од каде ќе бидат предизвикани да трчаат по подножјето на Плачковица, преку селата Липец и Блатец, од каде ќе почне шесткилометарското стрмно искачување на врвот Чупино (1725м.н.в) од каде ќе се упатат до највисокиот врв на Плачковица, Лисец (1754 м.н.в). По искачувањето на врвот Лисец, следува спуст кој ќе води до финишот на трката и ќе биде во центарот на Виница. Трката Чупино Треил е закажана за 1. септември со почеток во 8 часот.

Викендот на 31. август и 1. септември по повод 75 години од ослободувањето на Виница, ќе се одржат и неколку музички настани, а ќе се реализира и рекреативна велосипедска трка која е закажана за 31. август.

Се вчитува...