Вујовиќ: Македонија направи голем чекор кон модерниот ракомет

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Веселин Вујовиќ и ракометарите на Катар разочарани го напуштија теренот во Вараждин откако загубија со гол во последната секунда од селекцијата на Холандија.

Поранешниот македонски селектор по прес-конференцијата издвои време за македонските новинари, во пресрет на дуелот со нашата национална селекција што на програмата е в четврток со почеток во 15.30 часот.

„Секако дека ја следам македонската репрезентација во овој период и слободно можам да кажам дека она што го прикажува овде, тоа е голем чекор кон модерниот ракомет. Начинот на кој играат, на кој трчаат и се борат, тоа е сериозен напредок. Мислам дека Кире можеби можеше да повика поквалитетни ракометари, но тој избра играчи кои се поперспективни и тоа е сосема ОК“, изјави Вујовиќ.

Селекторот на Катар истакна дека приоритет ќе му биде да го крене својот тим по овој несреќен пораз од Холандија.

„Она што морам прво да го направам е да го кренам тимот, како физички, така и на психолошки план бидејќи не е исто Кузмановски да даде гол за реми од 13 метри и ние да примиме гол од девет метри за пораз. Мораме да се вратиме за да можеме да одиграме квалитетно, мислам дека Македонија како ривал повеќе ни одговара во споредба со селекцијата на Холандија која игра премногу брзо. Задоволен ќе бидам ако одиграме како што знаеме, не знам дали тоа ќе биде доволно за победа, но ако играме на највисоко ниво јас ќе сум среќен, без оглед на конечниот исход, ако загубиме ќе честитам. Тешко е да се прогнозира, но ако морам би рекол дека Македонија е благ фаворит, но во секој случај ќе биде интересно и неизвесно“, прокоментира Веселин Вујовиќ.

Се вчитува...