За победнички старт: Младите против Фарските острови ги почнуваат квалификациите за ЕП 2021

Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година со денешниот натпревар против Фарските острови од 16 часот на стадионот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ги стартува квалификациите за ЕП 2021.

Огромна е желбата кај македонските надеж со триумф да се стартуваат квалификациите низ кои активно ќе се бара пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент. Селекторот Благоја Милевски нагласува дека не смее да има ниту најмало потценување на противникот, затоа што се работи за цврста селекција која негува скандинавски фудбал и може да биде многу опасна.

„Добро е познато дека во модерниот фудбал не постојат аутсајдери. Не смее да има ниту најмало потценување на Фарските острови, селекција која е навистина одлична група фудбалери во која има добар број интернационалци. Играат цврст, агресивен фудбал, поради што ќе мора да одиграме максимално ако сакаме триумф. Се разбира добро ќе се подготвиме за дуелот и размислуваме само на победа“ – вели Милевски, кој е задоволен од формата на интернационалците во македонската селекција.

„Иако имаме проблем со домашните фудбалери кои воопшто немаат соодветна минутажа во македонскиот шампионат, може да бидам задоволен од формата на интернационалците. Во секој случај, сигурен сум дека секој поединец на теренот ќе го даде максимумот за да дојдеме до посакуваните три бода против Фарските острови“.

Покрај Фарските острови, Македонија во Групата 6 е уште и со Шпанија, Израел, Казахстан и Црна Гора.

Се вчитува...