За Погба нема дилеми – си оди од „Олд Трафорд“

Пол Погба го пропушти поголемиот дел од сезонава во Премиер-лигата, францускиот ас не е ниту блиску до враќање на терените, но веќе го планира својот следен потег во кариерата – заминување од Манчестер Јунајтeд. Поранешниот ас на Јувентус не крие дека е несреќен на „Олд Трафорд“, се обиде да издејствува трансфер и минатото лето, но тогаш „црвените ѓаволи“ успеаја да го убедат да остане.

Сега ситуацијата е поинаква, тој има договор до јуни 2021, па иако Јунајтед може да активира клаузула за продолжение за уште една сезона, веќе и на Солскјер и на директорот Вудворд им е јасно дека разделбата станува неизбежна. Со доаѓањето на Фернандеш е направен чекор напред за заминувањето на Погба да не остави трага во средниот ред, но проблем претставуваат честите повреди на Французинот во последните две години.

Јунајтед минатото лето бараше 180 милиони евра, сума што ниту еден клуб во Европа не сакаше да ја плати. Сега кога Погба речиси цела година не играше, а згора на тоа се ближи и истекот на неговиот договор со англискиот гигант, на „Олд Трафорд“ може да се среќни ако си ги вратат оние 100 милиони фунти што ги платија на Јувентус пред неколку години. Во игра повторно е „старата дама“, но и Реал Мадрид, но за да стартува лицитација најпрвин ќе мора Јунајтед да ја намали почетната сума.

Во спротивно, сагата околу Французинот ќе продолжи, а од неа немаат корист ниту фудбалерот, ниту неговиот клуб.

Се вчитува...