Захариевски предвреме го напушти мечот во Струга: Ако се игра фудбалот за поединци, ние другите да се тргнеме…

Шефот на стручниот штаб на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски предвреме го напушти стадионот во Струга на денешниот дуел против Пелистер во 21. коло од ПМФЛ.

Стружани во 90. минута примија сомнителен погодок кој значеше и победа за Пелистер од 0-1, а во финишот бараа и пенал кој главниот судија Иванов од Велес не го досуди. Последните минути од натпреварот, како што ни изјави по натпреварот, Захариевски не сакал да ја гледа таа лакрдија и се повлекол во соблекувалните. Но во официјалниот записник е забележано дека во 90’+3 минута, Захариевски добил исклучување поради ‘неспортско однесување, влегување на терен и демонстративно постапување против судија’…

„Пелистер не дојде да игра фудбал во Струга, туку да се брани, да лежи на теренот и да троши време. Одигравме динамичен натпревар со многу нервоза. Бевме подобар противник, игравме и напаѓавме, но не успеавме да постигнеме погодок. Немавме право да изгубиме, но се случи грешка. За прв пат ќе кажам дека македонскиот фудбал не оди во посакуван правец. ФФМ треба да размисли, со што се соочува и какви судии делегира за натпревар каков што беше Струга ТЛ – Пелистер.  Ако се игра фудбалот за поединци нека кажат, ние да се тргнеме и се да може да функционира без проблем. Се доведов во ситуација на минута до крај да заминам од стадионот, затоа што не можев да гледам што се случува. Сепак, ќе соберем спортска храброст и ќе му честитам триумфот на Пелистер“ – ни изјави Захариевски по натпреварот.

Се вчитува...