Захариевски: Се наоѓаме во мала играчка и резултатска криза, не чека тежок меч со Академија Пандев

Шефот на стручниот штаб на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски вели дека тимот го очекува тешко гостувањето денеска против Академија Пандев во Струмица во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Стружани се наоѓаат во мала играчка и резултатска криза, но токму ваквите дуели се добар предизвик за конечно враќање на вистинскиот пат.

„Не чека тежок натпревар. Многу добро знаеме дека Академија Пандев не е со истиот состав од есенскиот дел, императив е победата за двете екипи, па ќе биде неизвесен дуел. Јас секогаш кажувам дека наша цел е на секој натпревар да играме се подобро. Моментално имаме пад во формата и мала резултатска криза, која можеби е последица и на повредените фудбалери, но имаме потенцијал и верувам дека сега полека ќе се вратиме на вистинскиот пат“ – вели Захариевски.

Слично е размислувањето и на дефанзивецот Александар Ристевски.

„Поминаа пет кола од кои собравме шест бода. Тоа е моментално. Имаме мала криза, но сите поголеми клубови и од нас, имаат таква криза резултатска. Можеме тоа да го пребродиме само со напорна работа, со посветеност, и да дадеме на секој тренинг максимум. Ние тоа и го правиме, и затоа не се сомневаме дека ќе се вратиме на игрите од есенскиот дел. Не очекува тежок натпревар во Струмица, ние тоа го знаеме, ги анализиравме, и тие имаат слаб страни, ќе се обидеме да ги искористиме и да се вратиме со три бода“ – вели Ристески.

ПРВА ЛИГА – 24. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Струмица: АК. ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ

Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Струмица: БЕЛАСИЦА – РАБОТНИЧКИ

УТРЕ (15 ч.)

Велес: БОРЕЦ – ПЕЛИСТЕР

Се вчитува...