Заинтересираните клубови во шок: Челси бара 75 милиони евра за напаѓачот на кого не смета

Челси е подготвен да го продаде Николас Џексон во летниот преоден рок, но лондонскиот клуб поставил јасен услов – сенегалскиот напаѓач може да си замине само со перманентен трансфер.

Челси за 25-годишниот Џексон бара околу 65 милиони фунти, односно приближно 75 милиони евра. Новa позајмица не доаѓа предвид, велат информациите од Англија.

Најголем интерес во моментов покажува Астон Вила, која е во постојан контакт со претставниците на фудбалерот и Челси. Сепак, клубот од Бирмингем сè уште нема испратено понуда која би ги задоволила барањата на „сините“.

Иднината на Џексон во голема мера е поврзана со ситуацијата околу Оли Воткинс. Англискиот напаѓач сака трансфер во Ал-Хилал, а доколку тој потег се реализира, Астон Вила би можела веднаш да тргне по Џексон.

Интерес за Сенегалецот има и од Атлетико Мадрид. Диего Симеоне би сакал да го врати напаѓачот во шпанскиот фудбал, но мадридскиот клуб преферира позајмица со опција за откуп, што Челси категорично го одбива.

Џексон пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Виљареал во 2023 година за околу 32 милиони фунти. Во првиот период во Челси одигра 81 натпревар и постигна 30 голови.

Минатата сезона ја помина на позајмица во Баерн Минхен, каде што постигна 11 голови и забележа четири асистенции на 34 настапи. Германскиот гигант имаше можност да го задржи, но клаузулата за откуп не беше активирана.

По враќањето во Лондон, Џексон повторно не е во прв план кај Челси, а не беше ниту во составот за победата од 3:1 против Реал Сосиедад.

Сега останува да се види дали Астон Вила или Атлетико ќе ги исполнат финансиските барања на Челси.

Се вчитува...