Запнаа преговорите меѓу Интер и Икарди, а Реал Мадрид чека во заседа со богата понуда

Италијанскиот калчолигаш Интер води преговори со капитенот Мауро Икарди за продолжување на договорот до 2023 година, но се појавија значајни разлики меѓу двете страни. Ова го следи европскиот првак Реал Мадрид, кој е подготвен да плати 110 милиони евра и да го купи Аргентинецот во зимскиот преоден рок. Сепак, „нероаѕурите“ нема лесно да се откажат од својот најдобар играч.

Икарди сака да биде најплатен играч во Серија А после Роналдо и годишно да заработува 8 милиони евра. Засега Интер нуди „само“ 6,5 милиони евра по сезона, а од друга страна сака да ја подигне отштетната клаузула во новиот договор на 130 милиони евра.

Италијанските медиуми пишуваат дека Икарди е подготвен за повисока клаузула во новиот договор, но инсистира да биде втор најплатен фудбалер во Калчото.

Реал Мадрид будно ја следи ситуацијата и, според шпанските медиуми, ќе му понуди годишна плата од 10 милиони евра на Мауро Икарди за да го привлече да дојде на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...