Започнува кошаркарското лудило: 23 репрезентации ќе се борат за четири места на ЛОИ – три од „екс-ју“ просторот

Кошаркарските квалификациски турнири за пласман на Летните олимписки игри кои ќе се одржат во Токио следниот месец започнуваат денеска. Дваесетитри репрезентации ќе се борат за четири места на четири одвоени турнири помеѓу 29. јуни и 4. јули и истите ќе бидат одиграни во Белград, Сплит, Каунас и Викторија.

На турнирот во Белград, Србија ќе се обиде да стигне до нови Олимписки игри во конкуренција со Доминиканската Република и Филипини во првата група, и Италија и Порто Рико во разигрувањето, доколку Србите ја поминат првата фаза. Во втората група од овој турнир требаше да настапи и Сенегал, но афричката држава го откажа настапот.

Нашиот север сосед е прв фаворт за карта на ЛОИ, а главниот конкурент за освојувачот на среброто на Олимписките игри во 2016 година ќе биде Италија. Во однос на тој турнир, Србите на овие квалификации влегуваат со само три играчи кои освоија медал во Рио де Жанеиро – Јовиќ, Теодосиќ и Калиниќ и нов предводник на стучниот штаб.

Селекторот Кокошков нема да може да смета на услугите на МВП на НБА лигата, Никола Јокиќ и неколку евролигаши, но „Орлите“ имаат доволно квалитет и без играчите од најсилните кошаркарски лиги.

На турнирот во Сплит, Хрватска по освоеното петто место на ЛОИ 2016 ќе бара нов излез на Олимпијадата во конкуренција со Тунис и Бразил во првата група и двете подобри репрезентации од групата на Германија, Русија и Мексико во разигрувањето.

Хрватска нема да настапи со својот најдобар состав со оглед на тоа што Ивица Зубац и Дарио Шариќ имаат обврски со своитe клубови во конференциските финални натпревари во НБА лигата, но селекторот Мршиќ ќе може да смета на искусните Укиќ и Богдановиќ, како и Марио Хезонја.

На патот до ЛОИ во Токио на Хрватите им стојат силни репрезентации како Германија и Русија, но „коцкестите“ ќе ја имаат поддршката од својата публика во Сплит.

На турнирот кој ќе се одржи во Каунас во центарот на вниманието ќе биде Лука Дончиќ. Словенците имаат прилично лесен пат до финалето со оглед на тоа што во првата група силите ќе си ги одмерат со Полска и Ангола, но во разигрувањето покрај Јужна Кореја или Венецуела, „Змајчеки“ ќе мораат да ја поминат пречката наречена Литванија.

Словенците и Литванците со оглед на звучните имиња во своите редови се главни кандидати за карта на ЛОИ од оваа група, но во ниеден случај не смее да се отпише Полска чија кошарка во последните години е во растечка линија.

Најизедначениот турнир ќе биде одигран во Викторија, Канада каде покрај домаќините во првата група се наоѓаат и Грција и Кина, додека во втората група силите ќе си ги одмерат Уругвај, Чешка и Турција.

Канаѓаните на ЛОИ ќе атакуваат со силен состав исполнет со неколку НБА играчи и секако најголемиот адут, селекторот Ник Нурс. Од сенка шанса за прв настап на Олимпијадата по 1952 година ќе бара Турција, но тука е и Чешка која на Светското првенство 2019 година го освои шестото место.

Се вчитува...