Заврши седуммесечното чекање – Почнува новото издание на Евролигата

Најдобрата европска кошарка се враќа по пауза од седум месеци. Како и минатата сезона осуманесет екипи ќе се борат за пласман на Ф4 турнирот кој од 28. до 30. мај следната година ќе се игра во Келн, Германија.

Тимовите кои се први фаворити за пласман на Ф4 се ЦСКА Москва, Реал Мадрид, Барселона и Анадолу Ефес. ЦСКА Москва кој е актуелен шампион ги задржа најдобрите кошаркари, а сезонава повторно се очекува предводник да биде Американецот Мајк Џејмс. Рускиот тим осум пати по ред е дел од Ф4 што значи дека годинава доколку не се пласираат во Келн тоа може да биде едно од најголемите изненадувања.

Реал Мадрид продолжува со политиката на задржување на најдобрите кошаркари. Пабло Ласо кој е на клупата веќе 10 години е една од главните причини поради која „кралевите“ се фаворити за учество меѓу четирите најдобри.

Најголемиот губитник од прекинот на минатата сезона е турскиот Анадолу Ефес. Очигледно е дека доколку не беше прекината минатата сезона Шејн Ларкин беше подготвен да го води клубот до првата титула во елитното натпреварување. Сепак, ростерот остана ист па доколку се во истата форма од минатата сезона, кошаркарите на Анадолу Ефес се први фаворити за освојување на натпреварувањето.

Барселона минатата сезона имаше најголем буџет, но со игрите не го покажа тоа. Солидна сезона во Евролигата, која беше уништена со губењето на титулата во домашната АЦБ лига. Шарунас Јасикевичиус го замени Светислав Пешиќ, а доколку Марк Гасол премине во Барселона се очекува тимот да е подготвен за нова титула.

Како фаворити од сенка се споменуваат Фенербахче, Макаби, Армани, Валенсија и Олимпијакос, а шанса за четвртфинале имаат и Панатинаикос, Химки, Басконија, Црвена Звезда и Зенит.

На крај останува да се споменат и аутсајдерите тимови кои би било сезнација доколку стигнат до првите осум места во регуларниот дел од сезоната. Во оваа група спаѓаат АЛБА Берлин, Баерн Минхен, Жалгирис Каунас и АСВЕЛ.

Се вчитува...