Здравков низ седум тест-средби во зимскиот период ќе го крои пролетниот изглед на Брегалница

Шефот на стручниот штаб на Брегалница, Горан Здравков го утврди комплетниот подготвителен план за подготовките на тимот за пролетниот дел од сезоната 2022/23 во Првата македонска фудбалска лига.

„Сините“ пред продолжението од шампионатот ќе одиграат вкупно седум пријателски натпревари. Како што е познато, првата прозивка Здравков ќе ја има на 9. јануари на Градскиот стадион во Штип каде до 25. јануари ќе се реализира и првата фаза од подготовките. Низ овој подготвителен дел ќе бидат одиграни и два пријателски натпревари, против Академија Пандев (19. јануари) и против Тиквеш (24. јануари).

Од 26. јануари екипата се сели во Охрид каде ќе биде реализирана централната фаза од подготовки и со четири пријателски средби, против Воска Спорт (28. јануари), Караорман (31. јануари), Охрид (1. февруари) и Пелистер (5. февруари). Генералката пред стартот на пролетниот дел ќе биде на 12. февруари против Беласица на Градскиот стадион во Штип.

„Првата фаза, или физичките подготовки кои во суштина ќе бидат основата на целиот подготвителен циклус ќе ги реализираме во Штип до 25. јануари. Потоа во Охрид ќе биде втората фаза од подготовките низ кои ќе следи воигрување на екипата и преку четири тест-средби, за да на крај се заокружи со финалното темпирање на формата пред продолжението на првенството“ – вели шефот на стручниот штаб, Горан Здравков.

Пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига почнува на 19. февруари. На првиот пролетен натпревари „сините“ во Штип ја пречекуваат екипата на Скопје.

КОМПЛЕТЕН РАСПОРЕД НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАТПРЕВАРИ НА БРЕГАЛНИЦА НИЗ ЗИМСКИОТ ПОДГОТВИТЕЛЕН ЦИКЛУС
19. јануари (Струмица): Ак. Пандев – БРЕГАЛНИЦА
24. јануари (Штип): БРЕГАЛНИЦА – Тиквеш
28. јануари (Охрид): Воска Спорт – БРЕГАЛНИЦА
31. јануари (Струга): Караорман – БРЕГАЛНИЦА
1. февруари (Охрид): Охрид – БРЕГАЛНИЦА
5. февруари (Охрид или Битола): Пелистер – БРЕГАЛНИЦА
12. февруари (Штип): БРЕГАЛНИЦА – Беласица

Се вчитува...