Зенит е ново жариште на коронавирусот

Кошаркарскиот евролигаш Зенит е нов центар на жариште на коронавирус во европскиот спорт откако беше обелоденето дека вкупно 13 членови на оваа екипа се позитивни на Covid-19.

Тимот од Санкт Петербург имаше проблеми и во текот на минатата седмица, но и во отсуство на неколку кошаркари успеа да ја совлада Барселона. За жал, тестирањата по дуелот со каталонскиот гигант донесоа нови четири позитивни случаи меѓу играчите (Берон, Пангос, Понитка и Волхин), а позитивен е и шефот на стручниот штаб на Зенит, Чави Пасквал.

Челниците на Зенит веќе испратија допис до Евролигата барајќи да им бидат одложени двете средби што треба да ги играат во текот на оваа седмица (против Басконија и Валенсија).

„Сакаме да играме, но тоа е невозможно кога се имаат само шест здрави кошаркари. Според протоколот, неопходни се осум здрави кошаркари за да се игра, а ние можеме да ја дополниме оваа бројка со играчи од младинскиот кадар. Сепак, и тоа е невозможно бидејќи на секое следно тестирање кај нас се појавува по некој нов случај, а згора на тоа ако сега имаме позитивен играч, тој ќе треба да остане две седмици во Шпанија. Испративме барање за одлагање, сега го чекаме одговорот од Евролигата“, изјави генералниот менаџер на Зенит, Александер Церковни.

Се вчитува...