Жбогар со децата ќе трча на Виз Ер Скопски маратон

Минатата година околу 10.000 луѓе излегоа на патеката на Виз Ер Скопски маратон во Скопје. Тие покажаа колку е значајна самата манифестација. Тркачите дојдоа од 51 држава од целиот свет претставувајќи ја сплотеноста на сите учесници и влијанието на мисијата на Виз Ер Скопскиот маратон да го зголеми значењето на спортот и здравиот начин на живеење. Тоа совршено ја отсликува и одлуката маратонот секогаш да се одржува во овој период, во чест на 9-ми мај, Денот на Европа.

„Новина имаме во штафетниот маратон со наслов ‘ЕУ за спорт’. Тој вклучува 4 тркачи каде 2-ца од нив трчаат 9 километри, а останатите 12 километри, и спојот на сите е еден цел маратон. Можам да споделам дека и јас ќе трчам на штафетата, заедно со моите 3 деца, така што ќе ме видите таму. Оваа трка е за секој кој сака да се забавува, за секој кој сака да излезе од својата комфор зона и да ги надмине 5-те километри, а не е подготвен за полу-маратонот или маратонот. Со тоа таа претставува уште една патека и можност за учество во маратонот. Оваа трка е и за сите тие кои што сакаат да го почуствуваат тимскиот дух, секој кој сака да ја поддржи екипата, или да навива за заеднички успех“ –  истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.

„Иако ова е нашиот 15-ти јубилеј, ние секоја година се трудиме сѐ повеќе и повеќе да внесуваме новости. Сакаме константно да се надградуваме. Оваа година благодарение на поддршката од Делегацијата на Европската Унија се организираат и бесплатни групни тренинзи кои започнаа од 28-ми март. Унијата е покровител и на ‘Штафетниот маратон – ЕУ за спорт’ кој оваа година има прекрасни нови медаљи кои одлично ја претставуваат ЕУ. Тие се симбол за тоа како единки кога работат заедно стануваат една моќна целина. Честиот развој ни дозволува да останеме релевантни во регионот и пошироко. Затоа толку голем број на лица од други држави се пријавуваат. Но, тоа ни дава уште една одговорност, а тоа е да вратиме на општеството и заедницата. За да го оствариме тоа оваа година се одлучивме да започнеме партнерство со GivenGain.com каде секој заинтересиран може да донира за три организации и тоа СОС Детско село, Момент плус или Проект среќа“ – рече директорот на Биз ЕР Скопски маратон, Кире Синадиновски.

Се вчитува...