Манчестер Јунајтед би требало да има лесна задача во третото коло од англискиот лига-куп откако за противник го доби нисколигашот Салфорд. Мечот сепак ќе има специјално значење ако се знае дека ко-сопственици на Салфорд со по 10% од клубот се Пол Сколс, Ники Бат, Гери Невил, Фил Невил и Дејвид Бекам, кои сега ќе можат на дело да го видат својот тим против клубот во кој ги минаа најубавите денови во играчката кариера.
Салфорд во минатата рунда на пенали успеа да направи подвиг и да го елиминира Лидс, но тешко е да се поверува во слично чудо против гигант каков што е Манчестер Јунајтед.
Од фаворитите најлошо мина Манчестер Сити, кој во третата рунда ќе му гостува на составот на Њукасл. Ливерпул на домашен терен ќе го пречека Лестер, Челси ќе биде домаќин на Брајтон, додека Арсенал го очекува незгодно гостување против Брентфорд.
Натпреварите од третото коло во англискиот лига-куп ќе се играат на 26/27 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА