Жиру: Ме бараа многу клубови, но јас го сакав само Интер

Оливие Жиру ги брои последните месеци како член на Челси, трансферот за заминување од „Стемфорд бриџ“ му пропадна пред самиот крај на јануарскиот преоден рок, но францускиот интернационалец добил ветување дека летово ќе може да ги смени клупските бои. За неговите услуги на почетокот од годинава се интересираа бројни клубови, но Жиру откри дека сериозно разгледувал само една опција – преселба во Интер.

„Во јануари сакав само да заминам од Челси, се беше договорено, а потоа челниците на клубот објавија дека нема да ме пуштат додека не најдат замена. Не најдоа и се случи да останам, не се жалам поради тоа… Имав неколку понуди, Лацио беше навистина загреан, Тотенхем се јави, но јас го сакав само Интер. Тоа дефинитивно беше најатрактивниот клупски проект, тим со кој ќе атакувам на трофеи. Ми се јави Конте, а тој е тренерот што ме донесе во Челси, што сигурно беше предност во целата приказна“, истакна Жиру.

Конте ќе го врати Алексис Санчез назад во Манчестер и дефинитивно ќе бара нов напаѓач за следната сезона. Жиру е играч кој е запознаен со неговиот стил на игра, воедно не е скапа опција (отштетата ќе биде околу 10 милиони евра), така што може да се очекува Французинот летово да пристигне на „Џузепе Меаца“.

Се вчитува...