Од момче кое прво беше избркано од „Градски парк“ до легенда на која се поклонија Чосиќ, Пешиќ, Делибашиќ…!

Македонија денеска се збогува од најдобриот македонски кошаркар на сите времиња, човекот кој остави силна трага во македонскиот спорт, Благоја Георгиевски – Буштур. Човекот кој ја има една од најчистите спортски приказни во историјата на нашиот спорт.

Буштур целата своја кариера ја мина во својот Работнички, клуб во кој ги направи и првите кошаркарски чекори. Уште додека беше гимназијалец кошарката за него беше најпривлечниот спорт, па низ тие тинејџерски денови во 1965 година на своја рака се одлучува еден ден да се појави на тренинг на Работнички. Првото појавување не минало баш најдобро откако тренерот веднаш го избркал од салата бидејќи не го почитувал куќниот ред. Но, момчето Благоја тогаш било повеќе од упорно веќе следниот ден повторно појавувајќи се на тренинг. Овој пат тренерите му дозволиле да остане откако уште на првиот вистински тренинг очигледен бил неговиот потенцијал. Така и почнува кариерата на еден од најголемите македонски спортисти на сите времиња.

А, пред кошарката Буштур активно играл пинг-понг. За да по „прешалтувањето“ во кошарката веднаш се забележи неговиот огромен талент. Веќе во 1968 година, уште како јуниор, на свои 18 години ги добива и првите минути во првиот тим на Работнички, дебитирајќи против Борац Чачак. Но, веќе во следната 1969 година еден натпревар ќе го одреди натамошниот тек на неговата кариера. На натпреварот меѓу Работнички и љубљанска Олимпија на 27. декември 1969 година, тренерот Лазар Лечиќ се одлучи да го уфрли во игра во продолжението на мечот. Георгиевски во тие пет минути од продолжението постигнал девет поени водејќи го Работнички до голема победа (101-96) над реномираниот противник. По овој меч веќе станува стандарден првотимец на клубот.

Набрзо станува миленик на навивачите. Блеска на секој натпревар освојувајќи ги срцата на дебармаалци и цело Скопје. Одличните партии во дресот на Работнички го носат и кон репрезентацијата за која во кариерата настапува 124 пати, постигнувајќи 388 поени. Освои две златни медали со поранешна СФРЈ од Медитеранските игри во 1971 и во 1975 година, на Балканските игри во 1972 и во 1974 година стигнува до златото, а најголемите негови достигнувања се сребрениот медал од ЛОИ 1976 во Монтреал и европската вицешампинска титула од 1971 година. Прогласуван е за најдобар спортист на Македонија во 1971 година, а во 1972 година го доби и признанието за спортист на Град Скопје, добивајќи ја и „Златната значка“ од Југословенскиот сојуз за физичка култура.

ПОСЛЕДНОТО „БУШТУР МАЈСТОРЕ“ ВО ГРАДСКИ ПАРК: Чосиќ, Пешиќ, Ивковиќ на спектаклот во Скопје

Од активното играње се збогуваше на 12. мај 1984 година на натпреварот меѓу Работнички и репрезентацијата на југословенските ветерани, кога скопјани му приредија величенствено збогување, какво Георгиевски и заслужи.

Во салата на КК Работнички во Градскиот парк, пред околу 2.500 навивачи, во спектакуларен меч со бројни југословенски кошаркарски ѕвезди на крајот победи репрезентацијата на ветераните со 106-97. Скопската публика имаше можност да ги види мајсторите на кошарката во тоа време кои беа присутни во главниот град на Македонија да му оддадат признание на својот дотогашен соиграч од репрезентативните редови. Кога на семафорот беше 13 минути и 13 секунди, мечот на кратко беше прекинат за да Георгиевски, кој низ текот на целата своја кариера главно го носеше дресот со број 13, може да се збогува од пријателите, публиката, ТВ аудиториумот и од кошарката која за него беше се во животот. Буштур од присутните љубители на кошарката беше испратен со овации.

Најефикасни на тој натпревар кај репрезентативците ветерани беа Варајиќ со 31 и Јеловац со 27 поени, додека кај Работнички се истакнаа Стојковиќ со 26 поени и Серафимовски со 18 поени. На мечот од професионалното судење се збогуваа и судиите Анастасовски и Поповски.

За репрезентацијата на ветераните на Југославија настапија: Ивковиќ, Ковачевиќ, Јеловац, Андоновски, Варајиќ, Чосиќ, Шолман, Плечаш, Боцевски и Пешиќ.

За Работнички на ревијалниот меч настапија: Сотировски, Настев, Митев, Серафмовски, Радоњиќ, Стојковиќ, Зрно, Давитков, Јаневски, Георгиевски, Шишковски и Самарџиски.

Се вчитува...